Повисоки даноци за богатите во кризата

Оние кои најмногу заработуваат треба да плаќаат повисоки даноци за да помогнат во финансирањето на поддршката за семејствата кои се соочени со зголемени сметки за енергија, предлага советодавно тело на германската влада.

Експертите сметаат дека владата треба да донесе понасочени мерки за да се постигне поголема солидарност во екот на кризата со цените на енергенсите.

Германската влада најави дека ќе инвестира 200 милијарди евра за да им помогне на бизнисот и домаќинствата да се справат со високите цени на енергенсите предизвикани од руската агресија врз Украина. Пакетот опфаќа и делумно ограничување на цените на гасот и струјата, кое ќе започне од 2023 година.

Оние кои заработуваат повеќе треба да дадат поголем придонес во мерките за финансиска поддршка преку „привремено зголемување на даночната стапка или преку привремена давачка за енергетска солидарност“, сугерираат експертите.

„Во моментов се работи за целно олеснување за домаќинствата со низок и среден приход, а јавниот буџет не треба да биде преоптоварен“, изјави Ахим Тругер, член на советодавното тело.

Се очекува предлогот да предизвика голема дебата меѓу трите партии кои ја сочинуваат германската влада. Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц го сметаат предлогот за „многу интересен“, како што рече парламентарецот Ролф Муцених. На другата страна се Либералите (ФДП), кои се спротивставуваат на зголемување на данокот.

„Во ова време на растечки цени треба да им олеснуваме на луѓето, а не да додаваме дополнителни оптоварувања“, рече Кристијан Дуер, од ФДП. Солидарната давачка „ќе ги ослабне компаниите и приватните граѓани“, рече тој за весникот Билд.

„Мораме да ја надминеме оваа криза со солидарност“, изјави канцеларот Шолц на презентацијата на извештајот. Мерките за поддршка се издржани затоа што „градат доверба“ за надминување на кризата, рече тој.