Повисокиот ДДВ не е удар врз џебот на најранливите категории на граѓаните, вели Бектеши
Покачувањето на данокот за додадена вредност од 5 на 10 проценти за одредени прехрамбени производи не е удар по џебот на граѓаните, туку спротивно на тоа. Вака министерот за економија, Крешник Бектеши, во интервју за Гласот на Америка, ја правда одлуката на владата за зголемување на ДДВ-то за цела листа на производи, за која вели дека не се основни прехрамбени производи, објави Телма.
На списокот за поскапување, како производи кои според владата не им се секојдневно неопходни на граѓаните, се најдоа слатките, бисквитите, наполитанките, вафлите, обландите, гумените бомбони, тропското овошје, брашното од соја, путерот од кикирики. Заедно со нив со ист данок од 10 проценти ќе се оданочат и месото од ирвас, печурките тартуфи, морските плодови, одредени видови риби, пармезанот и други видови деликатесни сирења, кокосовото масло.
Новиот закон за ДДВ освен дел од прехрамбените продукти ќе ги зголеми цените и на дел од огревните средства како што се пелетите, но и печките и котлите на пелети за следната грејна сезона. Владата откако неколку години го промовираше загревањето на домовите и деловните објекти со пелети, па дури и делеше субвенции за нивно купување, реши да го зголеми данокот токму за нив од пет на 18 проценти. И ако министерот за финансии Фатмир Бесими вчера ваквата мерка ја правдаше со заштита на животната средина, неговиот колега од економија Бектеши денеска со поинакво објаснување. Тој вели дека зголемување на ДДВ-то е поради дисбаланс на пазарот со пелети.
Измените на Законот за ДДВ, кој е дел од пакетот даночни реформи, во кои влегува и солидарниот данок, предвидено е во државниот буџет да инектира околу 140 милиони евра, од кои 70 милиони би биле само од солидарниот данок кој е наменет за компаниите кои минатата година направиле повеќе од 10 милиони евра приход