
Властите потврдија дека бројот на жртви надмина 440 само на островот Суматра, додека повеќе од 900 луѓе ги загубија животите во налетот на бури и обилни дождови низ Тајланд, Малезија, Филипини и Шри Ланка.
Азија е погодена од катастрофални поплави кои однесоа стотици животи и загрозија милиони луѓе. Во Индонезија, спасувачките екипи се во потрага по најмалку 400 исчезнати лица за кои се стравува дека се потрупани во лизгање на земјиштето откако циклонските дождови го опустошија регионот.
Властите потврдија дека бројот на жртви надмина 440 само на островот Суматра, додека повеќе од 900 луѓе ги загубија животите во налетот на бури и обилни дождови низ Тајланд, Малезија, Филипини и Шри Ланка.
Индонезија беше погодена од исклучително реткиот тропски циклон Сењар, кој предизвика катастрофални лизгања на земјиштето, однесе домови и поплави илјадници згради. Според Националната агенција за управување со катастрофи, луѓе се водат како исчезнати во провинциите Ацех, Северна Суматра и Западна Суматра. Помошта се испраќа по воздушен и морски пат, но некои села се уште се отсечени, а има и извештаи за кражба на храна и вода, пишува Би-би-си.
Испораката на помош е особено бавна во најтешко погодениот град Сиболга и округот Централен Тапанули во Северна Суматра.
Според Ерма Јулихастин, експерт за клима во Националната агенција за истражување и иновации на Индонезија, уништувањето е предизвикано од невообичаено голем и долготраен систем на грмотевици. Таа истакна дека просечните месечни врнежи од дожд за погодените области се околу 150 литри на метар квадратен, а некои области добиваат таква количина само за еден ден.
„Ако наврнат повеќе од 100 литри на метар квадратен за еден ден, тоа е екстремно, особено ако достигне 200“, рече Јулихастин.
На 23 ноември, на западниот брег на Суматра паднаа 160 литри дожд на метар квадратен, а следниот ден, на 24 ноември, наврнаа 226 литри на метар квадратен.
Кампови за евакуација се поставени во 20 области, а производите во продавниците се при крај. Некои жители пријавиле дека децата пијат дождовница собрана од бурата.