„Без коментар. На што е горда, не знам“, прашува професорката и поранешна кандидатка за претседател на државата, Билјана Ванковска, коментирајќи ја вчерашната изјава на шефицата на државата, Гордана Силјановска-Давкова за (не)користењето на уставното име и почитувањето на Преспанскиот договор.
Ванковска „ја пецна“ претседателката „дали е горда на теориското знаење или на легализмот“.
-Поарно да не правеше циркус со заветната, пардон заклетвата, отколку вака да се објаснува. Дури сега експлицитно се промовира во чувар на Преспанскиот. Мицотакис среќен, стои во објавата на професорката.
Сиљановска вчера објасни дека го почитува Преспанскиот договор и изјавата во Собранието ја потпишала со уставното име. Сепак, вели дека има право на самоопределување и на самоидентификација.
„Во документите во комуникацијата ќе се употребува името од Преспанскиот договор, јас тука не гледам дека тоа е повреда. Јас ниту ја искинав изјавата, ниту реков дека нема да го почитувам Уставот, ниту реков дека ќе го раскинувам Преспанскиот договор, едно е што јас сум го критикувала заради постапката на донесувањето заради неусогласеноста на Обединетите Нации, но тоа е правен факт, тоа е реалност и јас ќе ја почитувам“, рече Сиљановска Давкова.
Иако, официјална Атина предупредува дека непочитувањето на договорот може да ја доведе во прашање нашата интеграција во Европската Унија, претседателката укажува дека договорите се потпишани со добра волја и Грција, треба да ги почитува преземените обврски.
„Сите кои биле во Грција може да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме тие никаде не го истакнале, сè уште има Скопје, Скопиа дури го има и акронимот на повеќе места, да не зборувам за меморандумите. Кога веќе ме прашавте, само да кажам дека за мене најважниот меморандум е оној за помошта при евроинтеграциите“, додаде претседателката на државата во изјава за медиумите.
Ванковска како кандидатка на Левица за претседателка на државата, во својата програма отворено се залагаше за излез на земјава од НАТО, потенцирајќи „дури и со уставно име Македонија да не се влезе“ во Воената алијанса.