Плоштадите во Истанбул блеснаа со новите „Грин Машинс“ од Велес
По испораките во Египет, Франција, САД, Англија и Јужна Кореја, „Грин Машинс“ од Велес продолжи да ги зацврстува своите позиции на пазарот во Турција.
Овој пат и најголемиот град во Турција, Истанбул, грижата за одржувањето на хигиената на своите улици и плоштади им ја довери на возилата „Грин Машинс“ од Велес.
И градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, изрази задоволство заради збогатувањето на возниот парк со новите електрични GM500ze, нагласувајќи дека со овие возила на граѓаните им е обезбедена почиста животна околина, позелена и одржлива иднина на Истанбул и неговите 16 милиони жители.
GM500ze е целосно електрично возило со извонреден ергономски дизајн и еден од најпопуларните чистачи во светот со нула штетни емисии.
GM500ze е дел од богатата и разновидна програма од брендот „Грин Машинс“ што ќе биде презентиран и на претстојниот водечки саем во Минхен од областа на еколошките технологии од 30 мај до 3 јуни. „Грин Машинс“ е во листата на излагачи кои на својот штанд ќе ги презентира последните револуционерни решенија имплементирани во единствените „Грин Машинс“ возила и машините за чистење надворешни површини, со специфични и различни намени.
Инженерскиот тим од одделот Развој на „Грин Машинс“ продолжува да работи на нови прототипни возила со имплементирање на нови решенија создавајќи единствени перформанси на овие технолошки најсовремени возила.