
Европската унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети, а нејзините членки го сфатија тоа, изјави во средата премиерот Андреј Пленковиќ на Светскиот економски форум во Давос.
Премиерот зборуваше на панелот „Одбрана на европскиот обединет фронт“, на кој присуствуваа полскиот претседател Анджеј Дуда, шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, унгарскиот претседател Каталин Новак и претставничката на белоруската опозиција Светлана Тихановска.
„Европската унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети. Ова е нешто што мислам дека сите го разбравме и за кое сите бевме јасно ангажирани“, рече Пленковиќ во дискусијата за безбедноста на Европа.
Хрватска покажа посилен ангажман со зголемување на средствата за одбрана за повеќе од 100 отсто во последните седум години, додаде хрватскиот премиер.
Зборувајќи за руската агресија врз Украина и европскиот одговор, Пленковиќ рече дека „цврсто верува“ дека ЕУ ќе истрае да и помага на Украина.