Премиерот на Хрватска – Андреј Пленковиќ на социјалната мрежа Твитер објави дека „геноцидот во Сребреница е пораз на човештвото“ и изрази почит кон жртвите и сочувство до нивните семејства.
„Поминаа 27 години од геноцидот во Сребреница, кој претставува пораз на човештвото. Со почит се сеќаваме на повеќе од 8.000 бошњачки мажи, момчиња и цивили убиени во Сребреница. Длабоко сочувствуваме со нивните семејства и најблиските“ – напиша хрватскиот премиер.
Проценките на медиумите во регионот се дека има повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња убиени во текот на десетте дена од јули, а потрагата по останките на околу 1.000 од нив сè уште трае.
Воените лидери на босанските Срби – Радован Караџиќ и Ратко Младиќ беа осудени на доживотен затвор заради одговорност за геноцидот во Сребреница.