Пленарната седница за уставните измени закажана за 18 август

Пленарната седница за уставните измени собранискиот спикер Џафери ја закажа на 18 август а уставната комисија веќе следната недела во вторник на 25 ти јули.

Од кабинетот на Џафери денеска веќе информираа дека ги добиле уставните предлог амандмани од владата, а во соопштението се наведува:

– Денес претседателот на Собранието на Р.С.М Талат Џафери го прими предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Р.С.М со насоки за изменување и дополнување чиј предлагач е Владата . Претседателот Џафери веднаш го достави предлогот до пратениците во Собранието и со оваа постапка почнуваат да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието. Ја информираме јавноста дека согласно уставот и Деловникот претседателот веќе ја закажа пленарната седница за 18 август во 11 часот. Пред да се разгледа Предлогот на пленарна седница согласно прописите , Предлогот ќе го разгледа Комисијата за Уставни прашања која е закажана на 25 јули во 10 часот .

Во меѓувреме пак премиерот Ковачевски и денеска во изјава за медиумите посочи дека очекува плодна дискусија во законодавниот дом но и како што вели постигнување на надпартиски консензус.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вели дека нема да гласаат уставните измени, бидејќи текстот кој го изготвила владата е неприфатлив за нив и контрапродуктивен .

Со оглед на тоа дека опозицијата веќе има изградено став се наметнува прашањето дали и колку ќе трае целата оваа дискусија и во собраниската комисија и на пленарка иако од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе посочија дека откако целосно ќе ги погледнат уставните амандмани ќе изградат став во која насока ќе ја тераат дискусијата во законодавниот дом.