Плевнелиев: Не сакаме Тито и Сталин да ги внесеме во ЕУ!

„Службите во Република Северна Македонија се филијала на српските, кои пак се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ“.

Ова е изјава на екс-бугарскиот претседател, Росен Плевнелиев кој од 2012 до 2017 година беше на функцијата кај нашиот источен сосед.

Плевнелиев ја коментираше и посетата на Кирил Петков на Скопје.

„Важно е нашите пријатели во Скопје да разберат дека само со лобирање нема што да се случи. Неопходни се реформи. Каква е разликата? Се чудам зошто и нашите медиуми и нашите политичари не ја објаснуваат таа разлика. Велиме дека Албанија е подготвена, затоа што во последните три години таа направи обемни реформи, такви, какви што во Скопје не направија. Затоа Бугарија со полно право изјави дека таа е понапред. На пример, во Албанија направија чесно преборојување на населението и му дадоа права на бугарското малцинство. Службите на Албанија се многу поинтегрирани со службите на ЕУ и НАТО. Ниту една слична реформа не сме виделе во РСМ. Тоа не е правилен пристап. На пример, службите на РСМ и до ден денешен се просто филијала на српските, кои пак се се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ“ – рече Плевнелиев, пренесува „БГНЕС“.

Екс-претседателот на Бугарија имаше и директно обраќање:

„Драги пријатели во Скопје, неопходни се реформи. Неопходни се дејства и конкретни резултати. Тоа ќе ја отклучи и вратата кон посакуваното членство во ЕУ“.