„Плацови на Водно“: Обвинителство бара максимална казна за Груевски, минимална за Камчев

Обвинителката во судскиот случај „Плацови на Водно“ – Лиле Стефанова денеска во завршните зборови рече дека „доказите ја потврдиле фактичката состојба од обвинителниот акт против обвинетите во случајот“.

„Никола Груевски во 2012 година си купил недвижен имот на Водно. Оваа фактичка состојба судот лесно ќе ја утврди од доказите и исказите на сведоците. Груевски си формирал фирма и искористил негови блиски за да купи земјиште на Водно и бил известуван за се што се случува во фирмата „Сирак инжињеринг” преку која го контролирал купувањето на имотот. Обвинетиот Сашо Мијалков му помагал на Груевски да се купи земјиштето само да не биде јавно изложен поранешниот премиер. Од каде најде Груевски над 1,3 милиони евра за да ги плати сумите за земјиштето кога се докажа дека тој заштедил само 100.000 евра. Тој присвоил партиски пари за да го купи земјиштето на Водно“ – рече Стефанова.

Таа посочи дека „Груевски има два стана кои се една целина со два други станови кои гласат на неговата мајка. Тој има и други станови кои се купувале на други имиња за да не се дознае дека се негови“ и побара од судот да се конфискуваат становите.

Стефанова побара максимални казни за Груевски, за кривичните дела перење пари и за прекривање на имот.

„При одлучувањето на видот и висината на казната за Груевски, за кој сметам дека во целост се утврдија кривичните дела кои му се ставаат на товар, судот да има предвид дека обвинетиот цело време како премиер и претседател на политичка партија ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и тоа го правеше до крај, до завршувањето на оваа постапка. Сметам дека треба, со оглед дека е во бегство, да му бидат изречени највисоките казни предвидени во законот – рече таа.

За екс-шефот на УБК – Сашо Мијалков, Стефанова побара повисока казна, во рамки на онаа што е предвидена во закон.

„Обвинетиот Сашо Мијалков негираше дека презел какво било дејствие на извршување на кривично дело, тврдеше дека сведоците Александар Ивановски и Мето Стојчевски не ја зборуваат вистината, но од сите собрани докази очигледно е дека тој ги презел дејствијата на извршување кои му се ставаат на товар и го сторил кривичното дело перење пари, бидејќи знаел дека имотот се купува за Никола Груевски, дека парите се од кривично дело, а сепак ги презел дејствијата на извршување почнувајќи од 2012 завршувајќи до 2020 година“ – нагласи Стефанова.

За Ненад Јоаифовиќ и за Орце Камчев таа побара казните да се движат кон минимумот предвиден со законот.

„Во поглед на обвинетите Неанд Јосифовиќ и Јордан Камчев, морам да кажам дека, иако дадени на крајот на оваа постапка, нивните искази ги ценам како олеснителни околности и на судот му предлагам за нив да определи казна во рамките на законски предвидената казна за кривичното дело која по својата висина би се движела кон законскиот минимум” – рече обвинителката.

Во случајот „Плацови на Водно” обвинети се Никола Груевски, Сашо Мијалков, Орце Камчев, Ратка Куновска Камчева, Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачески.

Тие се товарат за „Перење пари” и „Противзаконско стекнување на имот“.