Од Русија силите на Вагнер се преселија во Белорусија, а белоруското Министерство за одбрана објави дека трупите на Вагнер сега дејствуваат како воени инструктори на силите за територијална одбрана на земјата.
Украинската гранична служба потврди дека припадниците на воената група Вагнер пристигнале во Белорусија од соседна Русија. Тие тврдат дека моментално проценуваат колку „милитанти“ има во Белорусија, која исто така ја дели границата со Украина, како и која е нивната точна локација и кои се целите. Во непотврден извештај се вели дека конвој од околу 60 возила Вагнер рано утринава ја премина границата со Белорусија, јавува Би-Би-Си.
Во јуни, бунтот на Вагнер го оспори авторитетот на претседателот Владимир Путин. Борците од Вагнер го окупираа Ростов на Дон и се упатија кон Москва, но вооружениот бунт на крајот беше прекинат поради постигнатиот договор. Според договорот, на борците на Вагнер им било кажано дека можат да се приклучат на редовната руска армија или да одат во Белорусија, земја која е близок сојузник на Русија.
На лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, исто така му беше понудено да се пресели во Белорусија, но неговата моментална локација не е позната. Вагнер е руска приватна воена компанија составена од платеници борци, од кои многумина се регрутирани од руските затвори.
Вагнер групата беше вклучена во некои од најкрвавите битки откако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари минатата година. Андриј Демченко, портпарол на украинската гранична служба, го потврди присуството на Вагнер во Белорусија.
Демченко рече дека украинските граничари „продолжуваат да ја следат ситуацијата“ преку северната граница на земјата, но не сакаше да разговара за детали.
На каналот Телеграм истакнат белоруски опозициски блогер објави дека голем конвој на Вагнер влегол во Белорусија од Русија.
Возилата на Вагнер – вклучувајќи пикап, камиони и автобуси – биле придружувани од белоруската сообраќајна полиција додека се упатувале кон градот Осиповичи, кој е на околу 85 километри југоисточно од главниот град Минск.
Вчера белоруското Министерство за одбрана објави дека трупите на Вагнер сега дејствуваат како воени инструктори на силите за територијална одбрана на земјата.
Инаку, рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа недела откри дека Пригожин ја одбил понудата неговите борци да се приклучат на руската армија како редовна единица.