Ставот на Европската комисија е многу јасен, со нетрпение очекуваме да почнат преговорите со Албанија и Северна Македонија по кластерот „Основни вредности“, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот, изјави портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро, по одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР), Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја.
Таа додаде дека тие „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот.
– Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени – изјави Писонеро, додавајќи дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија.
Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (Корепер) донел одлука Албанија да ги започне преговорите за членство со ЕУ по поглавја, со што би била одвоена од земјава на европскиот пат. Албанија на 15 октомври ќе одржи Меѓувладина конференција со ЕУ, на која ќе ги отвори преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“, во кој се вклучени и поглавјата Набавки, Статистика, Судство и Основни права, Правда, Слобода и Безбедност и Финансиска контрола.