Писмо од професори: Самоубиствена е концепцијата за гимназиско образование без предмети по философија, логика и етика

Гимназиски професори по философија, логика и етика, денеска испратија отворено писмо во кое укажуваат дека самоубиствено е да се предлага концепција за гимназиско образование без предмети по философија, логика и етика.

Гимназиски професори по философија, логика и етика, денеска испратија отворено писмо во кое укажуваат дека самоубиствено е да се предлага концепција за гимназиско образование без предмети по философија, логика и етика.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

„Magis utile nil est artibus his quae nil utilitatis habent“

Ovid., Ex Ponto

„Ништо не е покорисно од оние вештини од коишто

немаме никаква корист“

(со алузии на философијата и уметноста)

Овидиј, Ex Ponto

Радикално и категорично ja отфрламе понудената Концепција за гимназиско образование. Мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење. Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми – неконзистентност, неаргументираност, противречност. Во логиката, овие грешки претставуваат карактеристики на нелогичното мислење, со самото тоа, на бесмисленото мислење. Ниту една од целите на Концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети кои како задолжителни ги нуди концепцијата, зашто тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција. Единствената која е повикана да ги оствари поставените образовни цели, е токму философијата преку корпусот философски предмети – философија, логика и етика. Највисокиот облик на мислењето е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на философијата. Само во философијата се трага по тоталитетот на вистината, се остварува разговорот на душата самата со себе и се облагородува истата за дијалог и средба со другиот. Критичкото мислење почива на логички основи. Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката. Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката. Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста. Ниту математиката и природните науки, ниту општествено – хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа. А, дали можеме да бидеме среќни, ако не знаеме што е среќата? Етиката го истражува односот кон себе самиот, кон другиот, кон заедницата на која припаѓаме, кон сопствениот народ и целото човештво. Биоетиката и еколошката етика се етички дисциплини. Историјата ги учи учениците што се случувало во минатото на нивниот народ, но етиката прави да го возљубат својот народ, а преку него и целото човештво. Градењето на национален, етнички и културен идентитет, како и почитувањето на историјата и културното наследство се остварува единствено преку философијата. Историјата ги учи учениците какви уредувања постоеле низ историјата, ама философијата ги учи какви треба да бидат уредувањата. Но, креаторите на Концепцијата очигледно ништо од ова не сфаќаат.

Анализите покажуваат дека во сите Европски земји се инсистира на философско образование. Со отстранувањето на философијата во Македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на Европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови.

Да не дозволиме да создадеме генерации кои, Хераклитовски, иако присутни во светов, ќе изгледаат како да се отсутни, кои иако будни ќе изгледа како да спијат, завршуваат професорите, а под него се потпишани со име и презиме и училиштето во кое предаваат.