Српската фудбалска репрезентација пристигна назад во татковината по елиминацијата од ЕВРО 2024, откако во последните 24 часа беше жестоко критикувана за слабите игри и резултати во својата група.
Главен на удар беше Драган Стојковиќ – Пикси, а токму селекторот беше во главна улога и по слетувањето во Белград, застанувајќи пред новинарите.
„Оставка? Ајде, следно прашање“, краток беше Стојковиќ на оваа тема, свесен дека во случај самиот да се повлече ќе остане без отштетата од 1 милион евра што му следи.
Следеше прашање за вината за неуспехот на овој европски шампионат…
„Чекавте неуспех. Повелете, удрете, пукајте, навредувајте. Да не се лажеме, чекавте неуспех…Вие велите дека сме биле лоши, јас велам дека не беше така. Не можеш да кажеш дека момците не се бореа, дека не изгинаа на терен, а тоа е најважно во спортот. Се бореа машки, капа доле за сите нив. Не ги пипајте играчите, дадоа се од себе. Што се однесува до критиките, слободно продолжете, јас сум тука за да ги примам тие удари. Впрочем, јас сум најодговорниот бидејќи јас ги носев одлуките. Се што направив, го направив тоа за добро на репрезентацијата“, изјави Пикси.
Српските медиуми најавија дека Стојковиќ дефинитивно ќе добие отказ во следните неколку дена, а заедно со него ќе си заминат и дел од челниците на Фудбалската федерација.