Пикси: Неважно е во фудбалот како се викате, за репрезентацијата се бројат само оние кои играат од срце!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси очекувано беше задоволен со ремито на Србија против европскиот шампион Шпанија на стартот од новата сезона во Лигата на нации.

Србија, без поголемиот дел фудбалери кои играа на ЕП во Германија, со сосема нов тим одигра квалитетен натпревар синоќа во Белград, мечот заврши 0:0.

„Тежок меч, имаше брканица по теренот што секогаш во фудбалот е рамно на самоубиство. Тие се најдобриот тим во Европа и знаевме што не чека, но одработивме според договорот“ – истакна по мечот Стојковиќ.

Притоа на прашањето како во иднина би се тргнал Бирманчевиќ од тимот, кој одигра синоќа одличен натпревар, селекторот рече:

„А, зошто би го тргнал? Па, не сум луд. Неважно е во фудбалот кој сте и што сте, и како се викате, и дали сте некаква ѕвезда. Кога ќе дојдете за репрезентацијата мора да играте максимално од срце за својата земја, така се покажува патриотизам и така се цени и сака химната која се слуша. Срцето ми е полно, не поради резултатот туку за момците кои сакаат да покажат дека вредат. Тоа е голема сатисфакција за тренерот. Им благодарам на сите кои беа вечерва на стадион и го чекаа мечот со некаков страв. Пред мечот на момците им кажав дека сакам храбра Србија без разлика на името на противникот“ – истакна Пикси.