Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров одржа прес-конференција на која го најави отпочнувањето на серија јавни дебати за „Утврдување на интегритет на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција“.
Тој информираше дека проектот почнува откако на седницата на Владата одржана на 27.02.2024 година се донесени заклучоци Националниот координативен центар за гранично управување (НКЦГУ) да отпочне со подготовките за отворање јавна дебата за оваа тема, истите да ги спроведе и да поднесе извештај до Владата од спроведената јавна дебата, со предлог за натамошно постапување.
„Дискусиите на национално ниво ќе се одржат во период од март до април 2024 година, во организација на НКЦГУ со логистичка поддршка од Владата на Република Северна Македонија, на кои ќе бидат поканети претставници на надлежни национални институции (МВР, ЦУ, АХВ и ДИЗ) и засегнати национални институции (ЈО, АНБ, АР, УФР, УФП и УЈП), академската заедница, експерти и практичари, политички партии, амбасади на земји членки на Европската Унија, меѓународни организации, невладин сектор, здруженија на автобуски и камионски превозници, стопански комори и сите други заинтересирани страни. На вкупно петте поединечни сесии ќе бидат поканети медиумите“, изјави националниот координатор за гранично управување, Пивоваров.
Тој оцени дека ситуацијата со корупцијата на граничните премини и зелената линија, од осамостојувањето на државата до денес останува сложена, укажувајќи дека генерално корупцијата на граничните премини тангира два фундаментални сегменти по државата, а тоа се безбедноста и економијата.
„Доколку имаме само некој корумпиран службеник на граничната линија, можно е да бидат пропуштани наркотични супстанци, оружје, експлозиви и терористи што во голема мера би ја нарушило националната безбедност. Гледано од економски аспект, можниот внес на репроматеријали кои не се оцаринети или се оцаринети со помала царинска стапка од предвидената. Како што изјави тој, корумпиран службеник на граничната линија овозможува натамошно надградување на сивата економија, се до крајниот потрошувач, со што се нанесуваат енормни штети на буџетот на државата. Впрочем, сивата економија учествува во нашиот годишен БДП по укажувањето на Светска банка со 36%, а најголемиот дел од сивата економија започнува токму од влезот на стоките во државата на нашите ГП“ рече тој.
Националниот координатор Пивоваров оцени дека единствен начин за решавање на овој тежок проблем е примена на полиграфот како инструмент за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија.
„Со примена на полиграфот се исклучува секоја можност за влијание од субјективна или објективна природа“, изјави тој.