Пивненко: На украинската армија ѝ требаат повеќе дронови и подобра тактика

На Украина ѝ требаат повеќе дронови и подобра тактика, изјави во интервју за Ројтерс командантот на Националната гарда на Украина, бригадниот генерал Олександар Пивненко.

На Украина ѝ требаат повеќе дронови и подобра тактика, изјави во интервју за Ројтерс командантот на Националната гарда на Украина, бригадниот генерал Олександар Пивненко.

Руските сили ја приспособуваат својата тактика кон условите на претстојната зима, а украинската армија треба да воведе двојно повеќе технолошки иновации и да ја наполни линијата на фронтот со дронови за да ги спречи Русите да заземат повеќе територии, рече Пивненко.

Тој нагласи дека речиси четири години по почетокот на војната, Русија сè уште има супериорност во жива сила, но Киев и Москва имаат паритет во однос на дроновите во клучните области на бојното поле.

– Не ни е лесно. Мислам дека постојано ќе биде тешко … Калта ќе го отежне движењето, додаде Пивненко.

Борбите се водат на линија на фронтот долга повеќе од 1.200 километри, а Русија тврди дека контролира околу 19 отсто од територијата на Украина. Со текот на времето, природата на борбите драстично се променила, истакна 39-годишниот генерал, кој се борел против руските сили во источниот град Бахмут, пред да почне масовната употреба на дронови кои кружат над фронтот и напаѓаат секој подвижен објект.

Бахмут беше освоен од руските сили во средината на 2023 година по речиси една година борби. Артилериските и ракетните напади го срамнија градот со земја. Силите командувани од Пивненко сега го бранат стратешкиот град Покровск.

За да го забрзаат своето напредување во Покровск, руските сили ја сменија тактиката и влегоа во градот во мали групи. Со недели тие беа активни во неколку области на Покровск, потпирајќи се на дронови за покривање и напади врз непријателските позиции.

Недостигот на жива сила им помогна на Русите да ги пробијат украинските одбранбени линии. Поради тоа, на Украина итно ѝ се потребни промени поврзани со технологијата и тактиката, рече Пивненко. Еден од начините да се постигне тоа е подобра координација меѓу „одделните нивоа“ на операциите со дронови. На пример, војниците кои управуваат со беспилотни летала поблиску до фронтовата линија не треба да си пречат или да ги дуплираат дејствијата со оние што се распоредени подалеку од фронтот.

Работата треба да се распредели така што „една воена единица се занимава со една работа, а другите со друго. И да не си пречиме еден на друг“, објасни Пивненко.

Пивненко, кој ја предводи Националната гарда на Украина од 2023 година, е фокусиран на зголемување на бројот и видовите на дронови што ги користат неговите единици, подобрување и проширување на обуката на новомобилизираните војници и одржување на борбениот дух на исцрпените војници.

– Треба да бидеме многу флексибилни и прилагодливи за време на војната, на една модерна војна, и така работите ќе успеат. Застојот не е опција. Или дејствуваш или не, додаде Пивненко.

Националната гарда е меѓу украинските одбранбени сили кои речиси го завршија преминот од структура заснована на бригади кон структура заснована на корпуси. Сега Пивненко командува со два корпуси – „Азов“ и „Хартија“, кои се меѓу најпознатите и најавторитетните сили во Украина.

Според Пивненко, реформите ќе помогнат да се зајакне украинската одбрана преку подобра контрола, команда и координација и ќе им влеат храброст на помладите команданти со борбено искуство.

– Младите команданти се поодлучни, помалку искусни, но посилно решени да преземат акција и да променат нешто во целокупната ситуација. Тие се фокусирани на промената, нагласи Пивненко.