„Пеш“ ги проверуваме имотните состојби, немаме софтвер во функција, изјави Ивановска

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, во контекст на, како што рече, аферата „тајни имоти“, денска во Собранието на Македонија упати прашање до претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска – „колку вкупно функционери по стапување на функција, или во рок од 30 дена по стапувањето немаат поднесено анкетни листови?”. Одговорот што го доби е дека Комисијата имотот „го чешла пеш“, зашто уште не е во функција софтверот за автоматска обработка на податоците. „Не е доволно функционерот да плати прекршочна казна, имотот мора да го пријави“, рече таа.

Немаме автоматска – системска можност за проверка на имотот на сите функционери, рече во одговорот претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Таа нагласи дека од почетокот на функционирањето на Комисијата алармира на техничките, кадровските и буџетските капацитети. Ивановска прочита податоци дека во последните три години се поднесени неколку стотици прекршочни платни налози за неподнесени анкетни листови.

„На директорното прашање можам да одговорам дека немаме автоматска системска проверка за сите над 5 илјади именувани функционери. Работиме пеш. Очекуваме дека софтверот добиен од ЕУ до крајот на годината ќе профунцкионира и дека тогаш во момент ќе можеме да се произнесеме за секој одделен случај. Нашиот регистер се полни со податоци што ги поднесуваат самите раководни лица. Апелирам до фунцкионерите, но и до премиерот и министрите дека сите именувани лица на функции треба должноста да си ја завршат и имотот да го пријават“,  рече Ивановска.

Таа изнесе податок дека минатата година имаше повеќе именувања и разрешувања и дека тогаш била направена акција во ДКСК за преглед на 710 функционери.

„За сите поднесовме постапка, околу 400 функционери платија казна и ја завршија процедурата. За останатите е во тек. Нагласувам, прибирањето на информациите е рачно и тоа парламентот треба да го има предвид. Работиме по план, по наша иницијатива и по пријави. За оваа година имаме 54 избрани лица кои се дел од нашиот план, меѓу кои се и десет пратеници. Направивме проценка според ризик и така постапивме. Секој што има информации може до нас да пријави. Очекувам конечно мандатот да го завршиме со функционирање на тој софтвер. Непријавувањето на имот е прекршок, а не кривично дело. Тие што ја платиле казната потоа сепак мора да поднесат анкетен лист за имотната состојба. Да не се мисли дека казната е замена за пријавување на имотот“, рече Ивановска.

На крајот таа им порача на политичарите: ДКСК не прифака сензационализам, а политиката ја одбиваме“.