
Пецаков: Работиме на нови сообраќајни решенија, како и ново училиште
Пецаков наброја голем дел на реализирани проекти како што се велосипедски патеки, реконструкција на плоштади, фотоволтаици, основно училиште, спортска сала во Лескоец и други. Во однос на тоа што да се очекува од него следните 4 години, Пецаков ги истакна неговите ветувања.
Кандидатот за градоначалник на општина Охрид, Кирил Пецаков, во гостување на МТВ, говореше за големите предизвици со кои се соочил изминатите години откако седнал на градоначалничката функција. Тој истакна дека како еден од клучните моменти за него е намалувањето на долгот од 14,5 милиони евра на 3,5 милиони.
Пецаков наброја голем дел на реализирани проекти како што се велосипедски патеки, реконструкција на плоштади, фотоволтаици, основно училиште, спортска сала во Лескоец и други. Во однос на тоа што да се очекува од него следните 4 години, Пецаков ги истакна неговите ветувања.
„Уредување на булевар „Туристичка“ во пресек со улицата Стив Наумов до Јане Сандански, уредување на кејот Македонија, на кејот во Пештани, реконструкција на културните домови во Љубаништа, Кочишта и во Црногорци, продолжување на фекалната канализација, започнавме со проект за одобрение на втора катна гаража, но и уште еден проект за одобрение за уште едно училиште“, посочи Пецаков.
Градоначалникот Пецаков најави и стратегија за туризмот во наредните 10 години и како што кажа во соработка со централната власт ќе работат на зголемување на туристите во Охрид.
„Стратегијата која ќе биде направена за наредните 10 години, заедно со централната власт би можеле заеднички да ја спроведеме. Синергијата помеѓу локалната и централната власт, со добивањето на посебно Министерство за култура и туризам, сметам дека ќе даде добри резултати, не само по однос на зголемување на бројот на туристи, што е основен императив за еден туристички центар, туку и во квалитетот на туризмот во иднина“, потенцираше Пецаков.