
Охрид е преполн за илинденските празници. Градот има капацитет од 40.000 легла за сместување гости, а охриѓани треба да бидат трпеливи во шпицот на сезона, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
„Граѓаните треба да се свесни дека живееме во туристички центар, дека живееме од туризам. Да, порано Охрид бил индустриски град со преку 20.000 вработени во индустрија, меѓутоа денес сите добар дел од приходите, ако не и основните приходи, ги добиваат токму од туризмот. Така што, веќе се научија на трпение“, вели Пецаков.
Поради големите гужви во Охрид засилени се и полициските контроли. Од полицијата апелираат возачите да бидат внимателни.
Хотелите приватното сместување се исполнети до последно место. Слободна соба за резервација нема во наредните две недели. Приватните станоиздавачи велат дека секоја година во овој период, поради бројните концерти, се исполнуваат капацитетите.
Раздвиженост и гужва има по чаршијата, кафулињата и плажите. Туристичките работници задоволни. Очекуваат сезоната годинава да трае подолго.
Задоволни се и туристите, воодушевени од Охридското Езеро, природата, културно историските споменици, но и гостопримството на домаќините.