
Пет лица уапсени за напад со камења врз автомобилот на еквадорскиот претседател Нобоа
-Пукање врз автомобилот на претседателот, фрлање камења, уништување државен имот - тоа е едноставно криминално. Нема да го дозволиме тоа, рече Манзано.
Автомобилот на еквадорскиот претседател Даниел Нобоа бил опкружен од околу 500 лица додека доаѓал на настан во покраината Канар, и врз него биле фрлани камења, а пронајдени се и траги од оштетувања од куршуми, изјави денеска министерката за животна средина и енергетика Инес Манзано.
Претседателот не е повреден, а пет лица се уапсени, додаде министерката, која официјално поднесе извештај за обидот за атентат врз претседателот Нобо.
-Пукање врз автомобилот на претседателот, фрлање камења, уништување државен имот – тоа е едноставно криминално. Нема да го дозволиме тоа, рече Манзано.
Видео од автомобилот, објавено од Канцеларијата на претседателот, покажува луѓе покрај патот како фрлаат камења и скршено стакло кон прозорецот на автомобилот.
Конфедерацијата на домородните народи на Еквадор (CONAIE) објави дека полицијата и војската ги нападнале луѓето што се собрале за доаѓањето на претседателот, а меѓу нив имало и постари жени.
„Најмалку петмина од нас се произволно уапсени“, пишуваше во нивниот пост на платформата X.
CONAIE започна штрајк пред 16 дена, организирајќи маршеви и блокади на патиштата во знак на протест против одлуката на владата да ги укине субвенциите за дизел гориво.