Петта размена на затвореници – ослободени се 76 Украинци
Нова, петта размена на затвореници меѓу Украина и Русија од почетокот на инвазијата, на 24 февруари годинава. Ослободени се 76 Украинци, објави денеска официјален Киев, не прецизирајќи го бројот на Русите што и ги предал на Москва.
„Разменивме 60 војници, од кои 10 офицери. 16 цивили исто така се вратија дома“ – објави украинската вицепремиерка, Ирина Верешчук на „Телеграм“.
Во петокот, на 15 април, беа разменети затвореници во јужниот регион Херсон. На 14 април 30 Украинци беа ослободени, а претходно уште 26.
На 1. април 86 украински војници беа разменети за руски затвореници.
Во понеделникот Украинците објавија видео од бизнисменот Виктор Медведчук, близок до рускиот претседател Владимир Путин, барајќи тој да биде разменет за војници и цивили од опколениот град Мариупол.