Петта група Авганистанци со одобрение за влез во Германија заминаа од Пакистан

Група Авганистанци, на кои им е одобрено преселување во Германија, тргнаа од Пакистан што е петти ваков трансфер откако е на власт сегашната германска влада.

Група Авганистанци, на кои им е одобрено преселување во Германија, тргнаа од Пакистан што е петти ваков трансфер откако е на власт сегашната германска влада.

Според извештај на дописник на ДПА од аеродромот во Исламабад, група од 11 авганистански државјани денеска се качила на редовен комерцијален лет кон германскиот град Хановер, со преседнување во Истанбул.

Според германската влада, околу 1.900 Авганистанци со одобрен влез или изјави за прием сè уште се наоѓаат во Пакистан.

Досега во Хановер пристигнале четири групи Авганистанци, во рамки на различни германски програми за прием на лица кои се сметаат за особено загрозени.

Многу авганистански семејства се заглавени во Исламабад со месеци или години, чекајќи ја својата шанса да заминат. Конзервативната коалициска влада на Германија во мај ја суспендираше програмата за преселување на особено ранливи Авганистанци

Програмата ги опфаќаше поранешните локални соработници на германски институции, нивните роднини и други лица, како адвокати и новинари, кои стравуваат од прогон од страна на Талибанците.

Некои Авганистанци сè уште добиваат визи и покрај суспензијата, откако успешно тужеле во германските судови за да го спроведат своето право на влез.

Во својот коалициски договор, германската влада вети дека ќе стави крај на доброволните федерални програми за прием, како оние за Авганистан, и дека нема да воведува нови.

На почетокот на овој месец германската влада испрати писма до некои Авганистанци, нудејќи им финансиска поддршка ако се откажат од своите планови за преселување во Германија, потег што беше остро критикуван од примателите.

– Поминавме две години во Пакистан, а сега ни нудат срамен и глупав договор што ја загрозува нашата иднина и иднината на нашите деца, изјави за ДПА еден Авганистанец кој го примил писмото. Други рекоа дека биле шокирани и разочарани.