
Израелски софтвер „Селебрајт“ (Cellebrite), кој Министерството за внатрешни работи неодамна го набави, може да ги извлече сите податоци од вашиот телефон, односно сѐ што имате во него. Оваа алатка ја имаат набавено многу држави и се користи, пред сѐ, за криминалистички истраги, а законски за тоа мора да има и судска наредба.
Ова не е првпат МВР да набави ваква алатка. Претходното раководство на Министерството, во 2022 година имало склучено спогодба со произведувачот на шведскиот софтвер МСАБ Иксреј (Мsab xry), кој е сличен на Селебрајт.
И за двата, пак, има наводи дека бил злоупотребуван. За шведскиот може да се најдат медиумски написи за тоа дека бил користен од кинеската влада за следење на демонстрантите во Хонг Конг.
За Селeбрајт, Амнести интернешнел и БИРН неодамна открија дека го користеле српските служби за отклучување на телефоните на студентите што организираа протести за загинатите од падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Имено, кога тие биле повикувани на информативни разговори, телефоните им биле запленети, па отклучени со Селебрајт, а потоа во нив бил инсталиран и друг софтвер за следење. По објавувањето на истражувањето израелската компанија во февруари годинава одлучи да ја стопира соработката со некои клиенти во Србија.
Андреј Петровски од фондацијата SHARE во Србија, чија цел е унапредување на човековите права и слободи во онлајн-просторот, во разговор за БИРН, предупредува и дека „недозволената и несоодветна употреба на овие алатки претставува сериозно прекршување на правото на приватност, заштитата на личните податоци и поврзаните права.“
Интервјуто со Андреј Петровски може да го прочитате тука.