Македонската министерка за одбрана – Славјанка Петровска е во Обединетото Кралство.
„Од Лондон ја испраќаме пораката дека ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата“ – рече Петровска по средбата со нејзиниот британски колега, министерот за одбрана Бен Валас.
Од прес-службата на МО информираат дека таа порачала оти ова е прва официјална посета на Обединетото Кралство и се реализира во едно тешко време за континентот – воена инвазија врз суверена и самостојна држава, проследена со страдање и човечки жртви.
„Заедно со Обединетото Кралство и понатаму ќе продолжиме да ги развиваме капацитетите и да ги зајакнуваме способностите на македонското министерство за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија“ – порача министерката Петровска.