Петровска: Тежок збор е дека сме „изиграни“ за Иловица од Бектеши

Петровска очекува на утрешната владина седница да се преиспита одлуката и низ формално-правна процедура да се утврди дали имало нешто пропуштено при одлучувањето за спојување на концесиите, објави 360 степени.

Тежок збор е „изманипулирани“ или „изиграни“, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска, според која важно е што одредени министри имале доблест и побарале преиспитување на одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица. Петровска во гостување на ТВ 21 вели дека нејзината реакција, како и присуството на дел од министрите на протестот против рудници во Струмица, покажале дека ја слушаат критиката на јавноста.

„Јас не гледам ништо спорно ако се констатира во даден момент дека некој одлука што Владата како колективен орган ја донела, дека поедини министри сметаат дека треба да има ревизија, тоа не е слабост на министрите, напротив, тоа е, би рекла, покажување достоинство дека знаат да се коригираат ако некоја одлука предизвикува негативни реакции во јавноста“, рече Петровска.

Петровска очекува на утрешната владина седница да се преиспита одлуката и низ формално-правна процедура да се утврди дали имало нешто пропуштено при одлучувањето за спојување на концесиите.

„Ако се покаже навистина дека фактите кои беа презентирани во јавноста се така и дека процедурата во судот укажува на тоа дека не треба да има спојување, тогаш Владата апсолутно има правна основа, не зборувам за политичка волја, туку зборувам како правник, има правна основа таа одлука да ја коригира согласно насоките што се дадени“, додаде Петровска.

На утрешната седница се очекува министерот за економија Крешник Бектеши да ги образложи детално договорите и документите за концесиите за Иловица откако повеќе министри побараа преиспитување на владината одлука.

На утрешната владина седница Бектеши ќе ги образложи сите документи и судски одлуки за спојување на концесиите за рудникот, најави Тренчевска

„На утрешната седница ќе имаме поопширна информација од страна на министерот за економија и од вработените во Министерството за економија кои работат во правниот сектор каде што се доделуваат концесиите за да ни образложат сè, сите судски одлуки, сите дополнителни документи што ги имаат издадено, и утре ќе ја преиспитуваме одлуката за спојувањето на концесиите“, рече Тренчевска.

Барањето за ревизија на одлуката следува по бурните реакции на јавноста и протести откако беше објавена владина одлука за спојување концесии за рудникот во Иловица.

ИРЛ, повикувајќи се на изјави на тројца министри (Каја Шукова, Оливер Спасовски и Славјанка Петровска), објави дека одлуката за спојување на концесиите дошла како дополнителна точка на владина седница, на предлог на министерот за економија Крешник Бектеши.

Министрите немале никакви прашања и сите гласале „за“ затоа што Министерството за економија на владина седница презентирало документ кој тврди дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.