Петровска: Судот посериозно да ја сфати ситуацијата и да ја преиспита одлуката за осомничените за упадот во М-НАВ

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска мошне директно го сподели својот став во врска со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да не им определи притвор на четворица од осомничените за упадот и насилството во Македонската навигација (М-НАВ).

Таа, одговарајќи на новинарско прашање, рече оти не се согласува со ваквата одлука и смета дека Судот треба да ја преиспита и да ја сфати посериозно целата ситуација со минатонеделните случувања во М-НАВ.

„Во однос на коментарите на Судот и одлуките што ги донесе, лично јас не се согласувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспита одлуката. Апсолутно, не сакам да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа сметам дека целата оваа ситуација треба малку посериозно да ја сфатат. Ќе имаат веројатно дополнително време. Убедена сум дека извршните органи, Министерството за внатрешни работи одлично ќе си ја заврши, и ја заврши до тука својата работа, меѓутоа треба да се има предвид севкупното законодавство во Република Северна Македонија, но и меѓународните обврски што ги имаме преземено“ – рече Петровска.