Петровска – Остин: Потпишан 10 годишен план за соработка во одбраната меѓу Македонија и САД

Македонија и САД потпишаа десетгодишен план за соработка во одбраната. Министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше средба со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Денешната средба со секретарот Лојд Остин беше искористена да се потпише договор, односно Патоказ за идната соработка на САД и Македонија во делот на одбраната, со патоказот е опфатена продлабочување на соработката при обука и вежби на воените единици, модернизирање на армијата, како и финансиски инструменти за помош на македонската одбрана и армија.

Само минатата година, одбраната добила над 130 милиони долари финансиска поддршка од САД.

Меѓу другите теми секако била и поддршката за европската интеграција не само на нашата држава туку и на целиот западен Балкан.

САД се поддржувачи на овој процес особено во новите околности предизвикани со руската агресија на Украина.

И Украина односно македонската помош за Киев била тема на разговорите со Остин.

Министерката во интервју за Телма посочи дека на ниво на НАТО веќе се планираат и спроведуваат активности за развој на воената индустрија во земјите членки.

Меѓу другото во рамките на американската турнеја на Петровска имала средба со компанија која е заинтересирана за инвестиција во воената индустрија во Македонија.

Министерката Петровска денеска ја завршува официјалната посета на САД, а целото интервју ќе биде објавено во информативната програма на Телма.