„Одлука за испраќање наши војници во Украина нема и нема да има. Северна Македонија е членка на НАТО и ние како земја членка ќе ги почитуваме и спроведуваме сите одлуки кои се носат во рамки на Алијансата, затоа што сме составен дел и од процесот на носењето на тие одлуки“. Ова го изјави министерката за одбрана – Славјанка Петровска денеска по одбележувањето на Денот на баталјонот за специјални сили на Армијата во скопската касарана „Илинден“.
Таа додаде дека досега земјава се придружи на санкциите што беа воведени од страна на ЕУ. Во однос на воената помош за Украина, министерката Петровска појасни дека се работи за воена опрема и вооружување согласно побарувањата на украинските власти.
„Нивното барање кон нас беше класифицирано и од тие причини и нашата одлука е се уште класифицирана. Но, сметавме дека како чин на транспарентност, јавноста заслужува да биде информирана дека таква одлука сме донеле и заради тоа ја дадовме таа куса информација дека донесовме одлука за воена помош на Украина. Листата што беше испратена е практично испратена до сите сојузници и е многу голема, содржи многу ставки од различен профил. Она на што ние можевме да излеземе во пресрет, излеговме апсолутно“ – изјави Петровска.
Таа најави дека во скоро време и Владата ќе излезе со подетална информација околу тоа кои капацитети би ги ставиле на раполагање за евентуално сместување на бегалци.