Петровска: На овој ден во 2020 година покажавме каде припаѓаме

Со показна точка „Егзерцир“ во изведба на Армиската гарда, промоција на две поштенски марки и доделување признанија за воениот и цивилниот состав на Армијата денеска пред платото на Министерството за одбрана беше одбележана четиригодишнината од зачленувањето на земјава во НАТО и 32-годишнината од формирањето на Генералштабот на Армијата.

– На овој ден во 2020 година покажавме каде припаѓаме, кои се нашите заеднички вредности и кое е нашето место како земја која отсекогаш се залагала за мир, демократија, безбедност и стабилност. Но, овој датум има и друга историска важност – клучен датум во создавањето суверена и независна Македонија, рече министерската за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање.

Таа нагласи дека на истиот датум во 1992 година се создадоа услови за формирање на македонската Армија.

– Првиот 27 март ја потврди нашата одлучност за независна и самостојна држава, а вториот ја зацврсти нашата безбедност и стабилност. Влегувајќи во НАТО јасно го одбравме патот – стабилност и сојузништво наспроти деструктивно однесување, рече Петровска.

НАТО, како што кажа, не е закана за никого, туку постои за да се заштити себеси.

– Нашата историја покажува дека промовираме стабилност, еднаквост и дијалог. Како членка на Алијансата мора да бидеме подготвени и одговорно да го зацврстиме системот на отпорност на нашето општество. Тоа е сериозен предизвик што мора да го совладаме, рече Петровска и нагласи дека Армијата ќе продолжи да се развива и модернизира затоа што е столбот на државата, а ќе продолжи и инвестирањето во човечкиот капитал – столбот на одбраната.