Актуелната пратеничка и досегашна министерка за одбрана Славјанка Петровска и официјално потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ.
Официјалната потврда Петровска ја дала во изјава за ТВ 24, откако неколку пати изминатите две недели во медиумите посочуваше дека размислува да влезе во трката за наследник на Димитар Ковачевски.
„Ќе се кандидарам за претседател на СДСМ“, изјавила Петровска.
На последните парламентарни избори одржани на 8 мај, Петровска беше носителка на пратеничката листа на СДСМ во ИЕ 6 и стана пратеник во новиот парламентарен состав. На функцијата министер за одбрана дојде во 2022 година.
Освен Петровска, кандидатура за иден лидер на СДСМ најави и Јован Деспотовски, актуелниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), а речиси извесна е и кандидатура на ексминистерот за здравство Венко Филипче.