Славјанка Петровска – министерката за одбраа на Фејсбук објави дека денешниот датум, 27. март е во редот на најважните од независноста на државата зашто земјава пред две години на овој ден стана полноправна членка на НАТО.
„Република Северна Македонија две години членка на НАТО. Денешниот датум е во редот на најважните од независноста на државата, ден кога ја заокруживме стратешката цел – членство во најмоќниот воено политички сојуз. Заедно сме посилни“ – напиша министерката Петровска.
„Историски успех за Северна Македонија и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет“.
Ова е пораката која утринава ја напиша на ФБ министерот за надворешни работи – Бујар Османи.
„Денес одбележуваме две години од членството на Северна Македонија во НАТО, наше најголемо надворешно – политичко достигнување и најзначајна политичка верификација на нашата државност. Нашето знаме се вее заедно со другите 29 знамиња на НАТО – сојузниците, сведочејќи за единството и солидарноста меѓу партнерските земји во овие времиња на безбедносни предизвици со кои се соочуваме. Станавме посилно интегрирани во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави, најсозреани и најстабилни демократии со кои споделуваме заеднички вредности. Застанавме рамо до рамо со најмоќните држави во светот и рамноправно придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и светот“ – истакнува Османи.
Северна Македонија пред две години стана триесетта земја-членка на НАТО.
Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со КОВИД пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратифакиција од Преспанскиот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер.