
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска утрово во Тетово се обрати на првата работна сесија во рамките на конференцијата организирана од македонското претседавање со ОБСЕ посветена на „Родовата еднаквост и еманципација на жените“. Таа се осврна на унапредувањето на вклученоста и лидерството на жените во градењето на мирот и менаџирањето на конфликтите.
-Жените имаат многу важна улога, учествувајќи во мировни преговори и во процесите на донесување одлуки. И, тука не зборуваме за бројки, туку за клучни вредности и квалитет. Зборуваме за градење и позиционирање на жени – лидери кои го користат својот интелект, вештини и потенцијал за градење на одржлив мир. Клучната карактеристика на жените – лидери е нивната храброст и, тоа е нешто што можеме да го видиме секој ден преку храбрата борба на украинските жени, цивили и во униформа, за слободата на нивната држава и безбедноста на украинскиот народ, посочи Петровска.
Министерката подвлече дека не смееме да дозволиме жени – професионалци во своите области, кои работат неуморно и посветено, да останат незабележани и, дека мораме да работиме посветено за женското лидерство да биде составен и неразделен дел од современата безбедносна архитектура. Во однос на местото и улогата на жените во Северна Македонија, министерката Петровска посочи дека и, претставува чест што води едно од покомплексните министерства – одбраната и, дека тоа треба да биде уште една гласна порака за сите млади жени да веруваат во себе и да изберат да бидат дел од одбранбениот сектор, зашто жените навистина можат да направат разлика.
-Во Северна Македонија, препознавањето на ова општествено прашање и силната посветеност на политичките чинители нè доведоа до денешните над 40 отсто жени во Македонското собрание. Ни треба и повеќе жени – министерки во Владата. Како министерка за одбрана повеќе од една година, не можам да бидам задоволна ако не видам повеќе жени на лидерски позиции и затоа ние, жените лидери мораме да мотивираме и да поттикнеме повеќе жени да бидат успешни, рече Петровска.