Петмина кандидати се во игра за нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија: Живко Грозданоски, Весна Дамчевска Илиевска, Јордан Ѓорчев, Мирче Нешовски и Југослав Петровски.
Редовното изборно Собрание на ДПМ е закажано за 1 јуни во 11 часот, кога писателите треба да изберат нов Статут, како и Претседател, Управен одбор и Суд на честа.
Според Статутот, за Претседател ќе биде избран оној кандидат што ќе добие најголем број гласови од присутните активни членови на редовното изборно Собрание.
Актуелниот Управен одбор (Зоран Анчевски потпретседател и членовите: Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Бранко Цветковски, Александра Јуруковска, Марина Мијаковска и Владимир Мартиновски) на состанокот одржан на 27 мај ги верификуваше и усвои сите пристигнати кандидатури, како и ажурираниот Регистар на активни членови, кој брои 108 члена.
УО ги усвои и предлог-Дневниот ред за Собранието, како и предлог-Деловникот за работа на Собранието.
На состанокот беше донесена и одлука и за промена и измена на Статутот на ДПМ од 2011 година, што би стапил на сила веднаш по усвојувањето од страна на Собранието.