Петмина загинати и 18 повредени во украинскиот напад на Белгород

Во бомбашки напад кој и се припишува на Украина, пет лица загинаа денеска, а 18 се повредени во рускиот град Белгород, изјави гувернерот на областа што граничи со Украина.

„Според привремените податоци, во Белгород загинаа пет лица, меѓу кои и едно дете, а 18 лица се повредени, меѓу кои пет деца“, напиша гувернерот Вјачеслав Гладков.

Според него, во Белгород биле оштетени неколку станови, куќи и автомобили, како и мал трговски центар и објект на индустриска компанија.

Претходно денеска државната новинска агенција Риа Новости објави дека бил извршен бомбашки напад врз трговски центар. Агенцијата сподели видео на кое се гледа продавница со скршени излози и влез во урнатини.

Градот Белгород, кој се наоѓа на околу 40 километри од украинската граница, е главен град на истоимената руска област, која редовно е мета од Украина, како еден вид одговор на големите воени акции што ги спроведува Русија.