Петмината обвинети за убиствата на Вања и Панче минатата година се изјаснија невини

 

Ниту Љупчо Палевски-Палчо, ниту тројцата осомничени соизвршители не чувствуваат вина за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Вина како помагач во планот за грабнувањето на Вања не чувствува ниту нејзиниот татко Александар Ѓорчевски. Обвинителството пак, детално го образложи диспозитивот на обинението, според кој Вања била киднапирана за да се бара откуп, со помош на нејзиниот татко.

„Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со шрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде ја убиле Вања. Палчо со пиштол преку перница пукал во Вања и ја убил, потоа го закопале телото, а колата ја запалиле”, рече Жаклина Крстевска-Јосифовска.

За грабнувањето пак, Обвинителството обвини дека извршителите добивале информации од таткото на Вања, но Палевски негираше каква било поврзаност со Александар Ѓорчевски. За Палевски, целиот случај има политичка позадина.

„Поднесов барање во рок од 30 дена обвинителството да ми ги даде доказите и не бев ниту удостоен да добијам одговор. Овој родител наместо да го плаче своето дете, тој е наместен од полицијата за да се создаде врска меѓу мене и Александар. Јас ниту го познавам ниту обвинителството докажало поврзаност меѓу нас. Јас бев киднапиран првите седум дена. Ме донесоа на 15 мај во затворот во Скопје, но седум дена не добив никаков акт. Судијата на претходна постапка Душан Јосифов, изврши кривично дело. Ова е политички монтиран судски процес“ – рече Љупчо Палевски-Палчо.

Палевски тврди и дека Вања била грабната за да биде убиена, а не за да се бара откуп. Палевски негира дека пукал во перниче преку кое била убиена Вања како што тврдеше обвинителката, а неговиот адвокат дури рече дека дента кога биле убиена Вања, Палевски се наоѓал во банка. Од друга страна, адвокатот на таткото на Вања, тврди дека неговиот клиент е жртва во случајот и докази против него нема.

„Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител кому би му се случило ваква работа би го презел апсолутно истото тоа што го презел тој, односно би одел во насока да води своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите што ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои барам да бидат испитани да видиме како ја воделе постапката„, нагласи Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања.

Инаку, кога станува збор за убиството на Жежовски, адвокатот на Палевски рече дека кога случило убиството тој воопшто не бил во Велес, а допрва ќе откријат каде се наоѓал. Каква било вмешаност во ова убиство негираа и бранителите на другите обвинети. На почетокот од денешното рочиште обвинителството побара исклучување на јавноста, со цел медиумското известување дополнително да не го наруши менталното здравје на мајката и сестрата на Вања, но судот го одби овој предлог.

Следното судење е закажано за седми октомври кога ќе се започне со испитување на сведоци, а кога се очекува и свој исказ да даде мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.