Директорот на Институтот за имунологија – Александар Петличковски смета дека вирусот сѐ уште е присутен и дека граѓаните можат да се заразат со двата вируса истовремено – и со грип, и со коронавирус. Тој додава дека ова предизвикува компликации во здравствената состојба на пациентот. СЗО веќе објави неколку такви случаи на јужната хемисфера, рече тој.
Петличковски рече дека во наредните недели ќе овозможат пациентите да се имунизираат на истиот пункт за вакцинација, и со антиковид вакцина, и со вакцина против грип.
Министерството за здравство ја започна постапката за набавка на двовалентни вакцини прилагодени на новите мутации на Ковид-19, соопшти Александра Грозданова од Комитетот за имунизација.
Здравствените власти апелираат до граѓаните, особено до загрозените групи, што поскоро да стекнат имунитет против грип и коронавирус, преку вакцинација.
Инаку, минатата недела со голем интерес стартуваше вакцинацијата против грип, додека интензитетот на имунизација против Ковид-19 бележи пад.