„Секое решение во врска со Северна Македонија мора да биде со целосна согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата и нема да биде донесена никаква конкретна одлука без одобрение на Парламентот и без целосна поддршка на сите кои ќе гласаат за неа“.
Ова денеска го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание во Софија.
„Имаме јасно потпишан договор за коалицијата, кој строго го почитуваме. Правиме сите наши постапки да бидат во согласност со него. Јас како премиер немам право на никаков начин, ниту пак ќе се обидам, да направам некакви договори. Имаме рамковна позиција, декларација“ – изјави Петков за позицијата на Бугарија кон земјава.
Според него, актуелните случувања во Украина „го направи случајот Република Северна Македонија уште поделикатен“.
„Западниот Балкан е и регион во ризик. Безбедноста на Западниот Балкан е од големо значење за бугарската држава. На овие одлуки мора да им пристапиме со голема одговорност“ – додаде Петков.
Тој истакна дека Европската комисија соопштила дека е подготвена преку преговарачката рамка да биде гарант за правата на Бугарите во Македонија и за почитување на нивните интереси и права.
Изјавата на бугарскиот премиер следува по тврдењето на лидерот на партијата Има таков народ – Слави Трифонов кој во објава на Фејсбук го обвини дека сака почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата и дека своите постапки ги прави без координација со бугарското МНР, коалициските партнери и Народното собрание.