Коалицијата на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ) нема да поддржат влада со мандат или учество на ГЕРБ, информираа на прес-конференција партиските челници.
„Сите партии во коалицијата одлучија дека нема да поддржиме влада со мандат или учество на ГЕРБ. Јасно е дека не успеавме доволно да ги убедиме бугарските граѓани дека за европскиот пат на развој на земјата вреди да излезат да гласаат“ – изјави Асен Василев, копретседател на Продолжуваме со промените, кој оцени дека имало сериозни проблеми со спроведувањето на изборите.
Нашата одлука да не ја поддржиме ГЕРБ во првиот мандат се заснова на вредности. Тоа што го видовме во минатиот парламент и на овие избори се заснова на овие вредносни разлики, рече од своја страна Кирил Петков.
Тој изјави дека во коалицијата се обединети околу одлуката ПП-ДБ да работи на важни политики со сите политички партии.
„Ќе разговараме со сите нив бидејќи на бугарските граѓани им ветивме јасни политики за справување со актуелните проблеми. Почнувајќи од буџетот, кој не може да биде заложник на разговорите меѓу политичките партии“ – рече Петков.
Петков изјави дека треба што побрзо да се донесе буџет бидејќи ниту народот ниту бизнисот не можат да чекаат.
За цените на храната изјавија дека ќе работат на нова стратегија во бугарското земјоделство за бугарската храна да доаѓа на бугарските трпези по ниски цени. За ова ќе разговараат со сите политички партии.
„Шенгенот е приоритет и тоа може да се случи доколку имаме јасни заеднички акции на оваа тема“ – категоричен беше Петков.
Лидерите на Продолжуваме со промените Кирил Петков и Асен Василев уште пред неколку дена категорично изјавија дека нема да поддржат влада на ГЕРБ или со учество на партијата на Бојко Борисов.