Петков в петок во бугарското Собрание ќе каже што договарале со Ковачевски

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков в петок ќе реферира пред пратениците во Собранието за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од средба на владите на двете земји што се одржа вчера во Софија.

Реферирањето на Петков ќе се одржи на барање на најголемата опозициска партија ГЕРБ на екс-премиерот Бојко Борисов.

Петков и македонскиот премиер Ковачевски по вчерашната заедничка седница на владите оценија дека атмосферата на изразена политичка волја и духот на искреност и отвореност што преовладува на досегашните средби.

Тие по седницата порачаа дека добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветат на работи што беа заборавени последните години, потенцирајќи договорите што беа потпишани вчера имаат „еден краен резултат – економски развој на целиот регион“.

Оценија дека со заедничката седница на двете влади се поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи и се прави обид преку конкретни договори да се зајакне соработката меѓу Скопје и Софија и тоа да придонесе и за пронаоѓање компромис за спорните прашања.