Дмитриј Песков – портпаролот на рускиот претседател изјави дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје само доколку биде загрозено нејзиното постоење. Тој наведува дека целта на руската инвазија врз Украина не е окупација на земјата, пренесе „Тасс“.
Портпаролот изјави дека никој не мислел дека „специјалната воена операција“ во Украина ќе трае само неколку дена и дека целата кампања се уште се планира.
Запрашан за нуклеарното оружје, што постојано му се поставува како прашање од почетокот на руската инвазија, Песков вели дека Русија ќе го употреби само доколку биде загрозено нејзиното постоење како држава.
Инаку официјален Кремљ информира дека денеска претседателот Владимир Путин телефонски разговарал со францускиот колега Емануел Макрон.
Разговорот се одржал на иницијатива на шефот на француската држава.
Путин и Макрон разговарале за ситуацијата во Украина, како и напредокот на актуелните преговори меѓу руските и украинските претставници, се додава во соопштението на Кремљ.