„Русија не забележала ништо што би можело да влее надеж дека наскоро ќе се најде конечно решение на конфликтот во Украина“. Ова го изјави портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, осврнувајќи се на вчерашните преговори во Истанбул.
Кремљ денеска го поздрави фактот што Киев писмено ги изнел своите барања за прекин на конфликтот во Украина, но оценил и дека решение се уште нема на повидок.
Игор Жовква, заменик шефот на кабинетот на претседателот на Украина денеска изјави дека вчерашните преговори напредувале и дека руската страна во Истанбул првпат ја слушнала украинската позиција, наместо ултиматуми и црвени линии, пренесе „Би-Би-Си“.
Во Истанбул вчера се одржа четвртата рунда преговори меѓу Русија и Украина.