Песков: Контрадикторни се, не можеме да разбереме што сака украинската страна!

Официјален Кремљ смета дека Киев е одговорен за фактот што мировните преговори меѓу двете земји се замрзнати, истакнувајќи дека е нејасно што сака Украина.

„Украинските лидери постојано даваат контрадикторни изјави. Поради тоа не можеме целосно да разбереме што сака украинската страна“ – кажа портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков на прес-конференција.

Претседателот на Украина – Володимир Зеленски изјави претходно дека повеќепати се обидел да организира средба со рускиот претседател Владимир Путин за да прекине војната, но дека изгледа дека Русија сè уште не е спремна за сериозни мировни преговори.

„Постојат нешта за кои треба да се разговара со рускиот лидер. Не велам дека нашите луѓе сакаат да разговарам со него, но мораме да се соочиме со реалноста на она што го преживуваме“ – кажа Зеленски.

Последните мировни преговори се одржаа на 29 март.

Еден период контактите продолжија онлајн, но двете страни потврдуваат дека преговори повеќе не се водат.