
Перо Камиказа заврши со потрес на мозок и четири конци на главата – судир со рекреативец на Кејот на Вардар
„Летав салто, па спринтериците изгледа тогаш се откачиле. Потрес на мозок, четири конци на главата, неколку нагмеченици, искршени очила, но велосипедот, за чудо, остана читав“, напиша Георгиевски.
Македонскиот музичар Петар Георгиевски – Камиказа се здоби со потрес на мозокот, повреда на главата и повеќе нагмеченици при незгода додека возеше велосипед на Кејот на Вардар во Скопје.
Како што раскажа на Фејсбук, несреќата се случи пред неколку дена на стотина метри пред мостот „Аминта Трети“.
Додека се движел во својата лента, од спротивната страна ненадејно му излетал рекреативец кој, според неговите зборови, не погледнал пред да го смени правецот.
„Летав салто, па спринтериците изгледа тогаш се откачиле. Потрес на мозок, четири конци на главата, неколку нагмеченици, искршени очила, но велосипедот, за чудо, остана читав“, напиша Георгиевски.
Рекреативецот ја признал грешката, му се извинил и останал со него до доаѓањето на Брзата помош.
Потоа го придружувал и во Ургентниот центар, сè додека не пристигнала ќерката на музичарот.
На Клиничкиот центар му биле направени компјутерска томографија и повеќе прегледи. Откако лекарите утврдиле дека нема внатрешно крварење, повредата на главата била санирана со четири конци.
„Супер брза интервенција на сите што беа во Ургентниот центар и голема благодарност за сè што направија да ме оправат“, наведе Георгиевски.
По незгодата, тој упати апел до сите што го користат Кејот на Вардар да внимаваат на велосипедската патека.
Перо Камиказа на крајот порача дека наскоро повторно ќе се врати на Кејот и ја најави средбата со публиката на концертот на 23 октомври во салата „Јане Сандански“.
„Сполај ти, Боже, што ми даваш шанса да продолжам. Се гледаме набрзо на Кеј“, напиша тој на ФБ.