Денес граѓаните имаа прилика да го видат нејзиниот одраз и нејзиниот карактер, целосна деструктивност. Мене ми е многу жал што Данела Арсовска не го препозна подавањето на рака од страна на Владата, и овој ден таа успеа да се скара со сите, рече Златко Перински, министер за локална самоуправа говорејќи за нејзиниот настап по вчерашната средба во Владата.
Перински на гостувањето на телевизија Сител во Тема на денот во рамки на централниот Дневник се осврна на ситуацијата во Градот.
„ВМРО-ДПМНЕ во моментов има 16 советници од вкупно 45 во рамки на Советот на Град Скопје. Не гледам можност или потреба истите 16 советници да кочат некакви процеси во Град Скопје“, рече Перински.
Перински даде пример укажувајќи дека во инвестициската програма која се однесува на Комунална хигиена, а која е помината во Советот.
„Прашањето е следно, дали треба да се донесе одлука за Комунална хигиена да го собира сметот од контејнерите во град Скопје. Не, Комунална хигиена работи по строго утврден оперативен план која самата го носи и треба да си ја работи законски утврдената надлежност, ништо повеќе ништо помалку“, вели Перински додавајќи дека граѓаните не се должни да го трпат ова.
Перински информираше дека Арсовска била повикана во Владата да ги објасни состојбите главно во Комунална хигиена и ЈСП, а Владата да помогне согласно законските можности.
„Од неа очекувавме да каже со колкава механизација располага Комунална хигиена, но ние не добивме никаков одговор“, информираше Перински.
Перински укажа дека проблемите може да се решат и утре ако се постапува по закон и институционално, секоја останата постапка одзема само време.
„Анализираме прво, правен модалитет и второ, што ќе значи во пракса одземање на ингеренции“, кажа Перински објаснувајќи дека целта не е само да се одземат ингеренциите.
Перински вели дека Скопје граѓаните на Скопје ги преживеале сите катастрофи ќе ја преживеат и оваа сега.
„Три големи катастрофи го имаат погодено овој град, првата е Пиколомини и палењето на Скопје во 17 век, втората е траорниот земјотрес во 1963 и третата катастрофа е Арсовска. Првите две градот ги преживеа, ќе ја преживее и Арсовска“, изјави Перински.