Перински: Потребен нов закон за локална самоуправа, средства од унгарскиот кредит побарале 80 општини
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска од Охрид истакна дека во тек се активностите за донесување нов закон за локалната самоуправа, со кој ќе биде уредено и прашањето за можност за отповикување на градоначалник под определени услови.
Перински рече дека со постојната легислатива, функционерите избрани на напосредни избори како градоначалници, нема никаква законска можност за нивно отповикување.
– Наредната седмица ќе ве информираме за настан на експертско ниво, на кој ќе бидат детерминирани слабостите на постоечкото законско решение… Главен императив во новото законско решение ќе биде можноста за отповикување на градоначалник. Сакаме со овие законски измени да им се овозможи на граѓаните да ги осповикаат оние кои ги избрале, рече тој, нагласувајќи дека интенција е мандатите на идните градоначалници да бидат уредени со ново законско решение.
Перински уште рече дека дополнително со измените на легислативата ќе биде уредено функционирањето на комуналната полиција со законот за локална самоуправа, што сега е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски.
– Сакаме да ја препознаеме со законот за локална самоуправа, за да немаме девијанти појави на уништување урбана опрема за која општините издвојуваат значајни средства, рече тој. Перински истакна дека поостоечкиот закон е постар од две децении и како таков, како што рече, „зрел за промени“.
Што се однесува на средствата предвидени како финансиска поддршка на локалните самоуправи од кредитот од Унгарија, министерот посочи дека во рамки на шесте ресорни министерства во завршна фаза е процесот на евалуација, а одлуките ќе бидат донесени од Владата веднаш штом тој процес биде завршен.
– Очекуваме да стигнат предлог-одлуките. Кога ќе заврши процесот на евалуација истите ќе ги ставиме на владина седница. Може за тоа да биде свикана и вонредна седница, рече тој.
Досега апликации за добивање финансиски средства поднеле 80 општини,за реализација на 358 проекти.