
Денеска се одржа протест на пензионерите во Жена парк во Скопје на кој порачаа дека сакаат поголеми пензии.
Според пензионерите, во моментов не земаат доволно високи пензии за да имаат пристоен живот.
– Бараме минималната пензија да биде 25.000 денари. Струјата е поскапена, парното и водата исто така. За храната да не зборувам. Лубеница немаме пробано, а да не зборувам за сирење и кашкавал, вели една пензионерка.
-Да се покачи минималната пензија, задолжително и што побрзо. Висината на минималната пензија да биде со висина на минималната плата. Второто барање е, што е исто многу оправдано, покачувањата да бидат линеарни, да не бидат процентуални. За сите пензионери да бидат по 3.500 денари, на секое покачување, како и за најмалите, така и за најголемите пензии. Нема зошто да има разлика. Тоа што се плаќале придонеси на времето што често ги споменуваат луѓето тоа биле за да си земат поголеми пензии. Меѓутоа, пензионер е пензионер. Не придонесува повеќе, нема зошто да се прави категоризација на висината на покачувањето. Продавницте за сите се исти, цените се за сите исти, услугите здравствени се исти. Се е потполно исто. Значи, нема зошто да има разлика, изјави Сузана Шкоф.
Додаде дека незадоволството е големо.
-Ги слушаме министерката за труд и социјална работа, ја слушаме претседателката на пензионерите со своите образложувања што не држат, нема повеќе што да се чека институционално, па за да биде тоа требало време, требало тоа, ова. За нив го донесоа покачување од 78 проценти, велат долг бил патот за нас, а за нив беше краток патот. Јас велам со јапонски воз, значи толку брзо ги донесоа по некоја иницијатива на некој или не знам како, а за нас бил долг патот. Е не се издржува повеќе. Едноставно, чашата е прелеана, посочи Шкоф.
Во изминатите денови имаше протест на пензионерите и во другите градови. Тие бараа зголемување на пензиите од септември за 3.500 денари, а не само за 6 отсто како што најави Владата.
– Го допревме дното, веќе не може вака, линеарно зголемување на сите пензии, не сакаме 6 отсто, сакаме 78 проценти – беа само дел од транспарентите.