Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај најави дека од 1 јануари 2025 година пензионерите во главниот град на Албанија бесплатно ќе го користат јавниот превоз.
Во објава на Фејсбук Велиај додаде дека разбира оти инфлацијата и високите цени во Албанија се стрес за пензионерите, па општина Тирана ќе придонесе со тоа што од почетокот на следната година превозот на сите нејзини пензионери ќе биде бесплатно.
Градоначалникот на Тирана при проверка на линијата за јавен превоз целосно опремена со нови автобуси изјави дека автобускиот билет во Тирана има најниска цена во регионот на Западен Балкан.
Јавниот превоз во Тирана се опслужува само со автобуси, а еден билет чини 40 албански леки (0,40 евра).
Велиај наведува дека иако инфлацијата во последните десет години предизвика раст на цените, цената на билетите нема да се зголеми. Тој посочи дека јавниот превоз во Тирана опслужува повеќе од 1 милион граѓани со околу 180 илјади патници дневно.