Христијан Пендиков стана бугарски државјанин. Нему му беше врачено државјанството со највисоки почести.
Потпретседателката Илијана Јотова му го врачи листот, по интонација на химната, а Пендиков пак, одново обвини дека Бугари во Македонија трпат притисоци од власта.
„Сакам да се заблагодарам на претседателот на Република Бугарија, на заменик-претседателот, на сите министерства кои ми помогнавте, на сите пријатели. Благодарност до полицијата која секојдневно се грижеше и се уште се грижат за мојата сигурност затоа што ме заплашуваат. Сакам да се заблагодарам и на докторот кој уште ми помага, како што им помага и на македонските Бугари, кои се трудат за нашата кауза“, кажа Пендиков.
Тој додаде:
„Во Македонија има уште многу македонски Бугари кои се борат секојдневно за нашата кауза и идеологија, кои се во првите редови на идеологијата. Тие се секојдневно во Северна Македонија и трпат притисок од тамошните власти“, рече Пендиков.
Тој е родум од Охрид. За јавноста непознат се додека не беше натепан, инцидент кој потоа беше политизиран.
Како причина беше наведено дека е тоа што Пендиков се декларира како Бугарин, а се зборуваше дека тој имал нерасчистени сметки со напаѓачите.
Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“.
Против него, се води и предмет во охридското Обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.