Пендаровски ќе учествува во процесот Брдо – Бриони во Словенија

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Словенија, по повод учеството на 11. состанок на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо – Бриони, на покана на претседателот на Словенија, Борут Пахор и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

Како што информираат од неговиот кабинет, на состанокот, којшто се одржува во Брдо кај Крањ, ќе учествуваат претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, Милорад Додик и Жељко Комшиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

„На лидерскиот состанок ќе се дискутира за актуелните клучни теми во регионот и Европа, за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, за безбедносната состојба и руската агресија врз Украина, како и за мерките и начините за справување со енергетската и економската криза со кои се соочуваме, како последица на војната во Украина“ – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Процесот Брдо-Бриони, како заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска, е формиран во 2010 година, со цел забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, преку решавање на отворените билатерални и регионални политички прашања, и претставува една од најважните политички иницијативи во Југоисточна Европа, која воедно го трасираше патот за формирање на Берлинскиот процес.